УНЕСКО го посветува Меѓународниот ден на образованието, кој се слави на 24ти јануари 2024 година, на клучната улога на образованието и наставниците во борбата против говорот на омраза, феномен што во последниве години зеде замав со употребата на социјалните медиуми, оштетувајќи го ткивото на нашите општества.
Учењето за мир мора да биде трансформативно и да им помогне на учениците да ги зајакнат потребните знаења, вредности, ставови и вештини и однесувања за да станат гласноговорници за мирот во нивните заедници.
Со таа цел, со вас споделуваме дел од пораките и размислувањата на професори од нашите локални образовни институции повод годинешната тема: „Учење за траен мир“.
Ана Коваческа – проф. по Англиски јазик
„Понекогаш на моите ученици – гимназијалци им го поставувам прашањето: „Дали според вас образованието е право или обврска?“ а тие често со кисела насмевка, преокупирани со материјалот кој го имаат за учење, одговараат дека за нив образованието е обврска, иако добро знаат дека образованието е признато како човеково право во многу меѓународни конвенции. Светот во кој се образуваат нашите деца нееднакво го спроведува ова човеково право, а колку е тоа неопходно можеме да научиме од некој кој не го уживал истото и поминал многу препреки, неправди и војни – Нелсон Мандела, кој рекол дека „образованието е најмоќното оружје со кое може да се промени светот“. Со надеж дека светските лидери сакаат денешниот свет да претрпи промени, оваа мисла на Мандела треба да стане патоказ кон првиот чекор.“
Ѓоко Милески – професор по сообраќајна група предмети
„Наставниците вклучени во воспитно-образовниот процес имаат улога да бидат мост помеѓу општеството од една страна и децата од друга страна. Општеството со своите владини институции и прифатените правни, етички и културни норми е важно како ќе биде прифатено од страна на учениците.
Многу е важно ученикот да ја доживее средината во која живее и се образува, како своја удобна зона. Успешно образование и воспитание е она, кое од денешните деца ќе успее да создаде граѓани со интегритет, кои ќе умеат да ги вреднуваат: човекољубието, хуманоста, прифаќањето и почитувањето на вредностите кај другите, без разлика на национална, верска, расна и полова различност. Наставникот има одговорност пред своите ученици да им укажува дека секоја пролеана солза еднакво боли.
Сведоци сме на воени конфликти, на многу кризни места во светот: Украина, Газа, но и многу семејно и врсничко насилство околу нас. За жал, човештвото наместо да се обедини во изнаоѓањето мирно решение, продолжува да се поделува на спротивставени табори, трудејќи се да бара аргументи, за да ја оправда агресијата на својата омилена страна во ваквите конфликти. Како наставници мораме гласно да говориме против воените и насилни конфликти, против ксенофобијата, расизмот и против говорот на омраза.
Тука гледаме колку е важен професионалниот избор на наставниот кадар, како и одговорноста на професијата наставник. Вистинскиот наставник, умее да се носи со предизвиците и аномалиите во општетството, навреме да ги препознае, да им укажува на учениците за различни ризични однесувања. Но, пред сè да биде личен пример во градењето мир и толеранција пред своите ученици. Само со ваков образовен кадар, учениците ќе се изградуваат во здрави личности и ќе знаат како да се самозаштитат од сивилото на злото, и нетолеранцијата која безмилосно го меле и го уништува светот околу нас.“
Марија Коваческа – професор по Стручни предмети во градежно-геодетска струка
„Во современото живеење, каде постојано сме соочени со големи транзициски промени, јасно е дека образованието е клучната алка во промовирањето и градењето вештини за разбирање на различните концепти на живеење, вклучително и концептот на мир, почитување и разбирање на различностите. Ако се прашуваме што можеме како наставници да направиме за да го промовираме учењето за траен мир меѓу нашите ученици, тоа би секако: Градење емпатија меѓу учениците. Негување инклузивен став во училницата, сите сме исти. Да го практикуваме меѓукултурното разбирање. Негување на физичката и менталната благосостојба на учениците. Да работиме на изнаоѓање компромиси при решавање конфликти, да соработуваме.“Нека е честит Меѓународниот ден на образованието „Учиме за траен мир“
Наум Аслимоски – професор по Историја
„Сè додека важи правилото: ,,Силниот секогаш е помоќен од послабиот” историјата ќе се повторува и никогаш нема да настапи траен мир. Како што кажал Гоце Делчев: ,,Јас го сфаќам светот како поле за културен натпревар меѓу народите” и кога ќе ја сфатиме суштината на оваа мисла дури тогаш можеме да започнеме да размислуваме и работиме за воспоставување траен мир.“
Оваа објава ја завршуваме со овогодинешната порака на Одри Азулеј – Генерален директор на УНЕСКО:
„Затоа што ако омразата започнува со зборови, мирот започнува со образованието. Она што го учиме го менува начинот на кој гледаме на светот и влијае на тоа како се однесуваме со другите. Затоа образованието мора да биде во срцето на нашите напори за постигнување и одржување на светскиот мир“.