На 15 февруари во Младински Центар Охрид се одржа едукативна работилница на тема „Запознајте ги своите права“. Учесниците имаа можност да научат повеќе за Конвенцијата за правата на детето, кои се нивните права, функцијата Народен правобранител, вклучително и за дете-правобранител во нивното училиште и начинот на неговото дејствување.
Исто така, преку игра имаа можност да се запознаат и со своите обврски кои произлегуваат од нивните права. Се дискутираше за тоа дали им се исполнети сите права согласно Конвенцијата, колку самите ги знаат правата и обврските и како да се постапи доколку некое право им биде органичено.
На работилницата учествуваа вкупно 30 ученици од IX оддление од две основни училишта од Општина Охрид, ОУ „Христо Узунов“ и ООУ „Кочо Рацин“.
Целта на оваа едукативна работилница покрај едукативниот карактер беше и вмрежување на младите за нивна идна понатамошна соработка. Учениците покрај формалното образование кое се реализира преку наставно-образовниот процес, во Младинскиот Центар имаат можност да бидат вклучени и во процесот на неформално образование со цел да ги надополнат и доизградат знаењата.