ЗабаваИНФОРМИРАЈ СЕКолумниКултура
700

42 години од раѓањето на Тоше Проески – пример за многу млади генерации

На денешен ден, 25ти јануари 1981 година е роден најголемиот македонски пејач, најдобриот глас на балканските простори, вистински родољубец и господин, идолот на многу млади генерации и големиот хуманитарец, многучовекот Тоше Проески.

Тоше Проески иако роден во Прилеп, израснал во неговото Крушево, а музичкото образование го стекнува во Битола и на музичката академија во Скопје.

Во неговата кратка, но многу богата музичка кариера, Тоше Проески снимил 8 албуми во 8 години, некои од нив и на други јазици, а подоцна, постхумно ќе бидат издадени уште неколку музички изданија кои, за жал, Тоше Проески не успеал да ги заврши.
Почнувајќи од „Некаде во ноќта“; „Синот Божји“; „Ако ме погледнеш во очи“; „Ден за нас“; „По тебе“; „Божилак“; „Игри без граници“; „The Hardest Thing“; со вечните хитови како: „Сонце во твоите руси коси“; „Во коси да ти спијам“; „Тајно моја“; „Чија си“; „Ако ме погледнеш во очи“; „Соба за тага“; „По тебе“; „Срце није камен“; „Никој како тебе не бакнува“; „Кој ли ти гризе образи“; „Боже, чувај ја од зло“; „Волим осмех твој“; „Игри без граници“; „The Hardest Thing“, Тоше Проески станува најголемиот музички изведувач на Балканот.

Тоше Проески учествувал низ својата кариера на многу музички фестивали каде често освојувал награди: на „Мелфест“; „Макфест“; „Сунчане скале“; „Беовизија“; „Скопје Фест“; „Евровизија“; „Хрватски радиски фестивал“, и многу други балкански фестивали.

Често споредуван со Павароти поради неговите гласовни способности, по хуманитарноста споредуван со Мајка Тераза, Тоше Проески беше пример на многу млади генерации, но и на сите граѓани на Македонија воопшто, зашто низ целата негова кариера, покажуваше како се сака родниот крај, земјата, како се помага и како треба една голема ѕвезда како него да се однесува.

Својот последен и најголем концерт, Тоше Проески го одржа на 5ти октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје, а средствата од концертот ќе бидат искористени за реновирање на 100 училишта во Македонија.
По само неколку дена, на 16ти октомври 2007 година, Тоше Проески загина во трагична сообраќајна несреќа кај местото Нова Градишка, Хрватска.

Во негова чест е направена Спомен куќа на Тоше Проески во неговото Крушево, а пред неколку години и Градскиот стадион во Скопје го доби својот нов назив – Национална Арена „Тодор Проески“.

„Не сакам да ми симнувате капа, само сакам да се гордеете со мене“ – Тоше Проески

Тоше Проески вечно ќе остане запаметен во колективната меморија на Македонија, но и на Балканот, ќе остане како најдобар пример за сè она што е добро на овој свет и како треба да се чува нешто кое го сакате многу, како треба да се помага на другите безусловно, како треба да се почитува.

Тоше Проески: 25.01.1981 –

Еден човек – Гане Тодоровски (Посветена на Тоше Проески)

Има еден има еден
Многу многу многу човек –
Белки цело човештво?!
Чунки живо божество?!

Има еден има човек
Од човека почовек е:
Прецедена човештина!
Препечена убавина!

Топлината на душата
Ти ја дава да се згрееш;
Бистрината на главата
Ти ја дава да успееш…

Тој со зборови те гледа,
Тој со очите ти збори –
Малкузборник – многусторник
Те облекува во грижи.

Го сретнеш ли, ти среќата
За цел живот ќе ја имаш,
Го видиш ли – видовит си,
Го снема ли – тешко тебе!

Има таков многучовек,
Твоето е да го бараш.
———————————-

Првиот концерт на Тоше Проески – 08.07.1999, Лизгалиште, Скопје

Повеќе слични објави

Најпосетувани објави