Утре, на 12.07.2024, петок, во Охрид започнува 64тото издание на најпрестижната музичко-сценска манифестација во земјава – Фестивалот Охридско лето.
Годинешното фестивалско издание предвидува околу 50 настани со 800 уметници од 24 земји ширум светот- ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти.
Свеченото отворање годинава ќе го одбележи грандиозен концерт на светскиот виртуоз на виолина од Латвија, Џулијан Рахлин. Славниот виолинист и диригент ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија.
Фестивалската сцена повторно ќе биде домаќин на најголемите, најславните и најуспешните кои ќе создадат квалитетна, атрактивна и возбудлива програма. Ги охрабруваме сите љубители на класичната музика, џезот, театарот да ги посетат богатите настани од 12 јули до 20 август.
„Охридско лето“, уште од 1961 година со својата врвна програма и светски уметници претставува совршен спој на музиката, театарот и воопшто на уметноста. Денес фестивалот е синоним за достоинство не само на Охрид, туку и на државата. Преку него светот не препознава на најрепрезентативен начин.
Настаните ќе се одржуваат на сцени поставени на различни познати локации низ градот: Долни Сарај, Антички Театар, Црква Света Софија и Предворје на Црква Света Софија и Центарот за култура „Григор Прличев“.
Билетите за настаните организирани од НУ „Охридско лето“ Охрид, можат да бидат набавени во билетарниците на НУ „Охридско лето“: билетарница во дирекцијата, билетарница на Кеј „Македонија“ и билетарница на плоштад „Крушевска Република“ (Чинар) На денот на настанот, билети можат исто така да се купат на продажните пултови пред сцените.
За повеќе информации обратете се на официјалната страна на Охридско лето на следниот линк.