Светски ден на поезијата

Повод 21ви март – Светски ден на поезијата Младински Центар Охрид со поддршка на младите поети на авторска поезија.

Амарето 

Пргаво, но махинално

вшмукувам допамин

од матката на Месечината…

 

Ја будиш

карлицата на муграта

со дисперзијата

на азурниот вруток

од твоите очи.

 

Мојата еклатантна фрагилност

кон твојата статуа

ја чувствуваат сите

освен си.

 

Надвладеана сум

од порозната вибрација

на еритроцитите

и молецот

кој нагризува серотонин

од папокот на

твојата ингениозност.

 

Ах, диригенту

на мојата хипертензија,

предизвикуваш

загушлива дискрепанција

помеѓу разумов и срцево.

 

За толку кратко време

стана его

на моите афирмации

та дури и аурата

на мојава слуз

е синхронизирана

со еликсирот на аметист.

 

Грешна сум зашто

виделото без тебе

лишено е од сите

енергенси на Демиург

кој впрочем

мојата галежна лика

ја илуминира со очаен гамбит.

 

Ах, која е таа

морбидна синергија,

која во мене евоцира

пиетет со детска енигма?

 

Запали ми свеќа,

насликај некролог

на мојата багатела

зашто додека дишам без тебе,

еквивалентна ми е смртта.

Ангела Србиноска

 

Татковино моја, низ стихови и боја

Околу тебе, природата раскошен ѓердан нанижала,

скапоцен ѓердан од убавини насекаде раширила.

Низ срцето твое, бисерниот Вардар тече,

приказните свои, од Вруток сѐ до Егејот ги влече.

Татковино, од сонце, копнеж и надеж си родена,

низ пепел, трње и тешки крвави патеки си водена,

низ песни со кавал, зурли и тапани си опеана,

со вечен пламен на татково огниште си облеана.

Со шаренило од бои во твоето срце си обоена:

црвена – за љубовта, за крвта јуначка пролеана,

портокалова – за тутунот, за утрата искапени во лавина,

жолта – за узреаните жита, за сончевата убавина,

зелена – за моликата, планините и падините бујни,

сина – за жуборењата на изворите и реките чујни,

виолетова – за пурпурното небо каде сонцето заспива,

розова – за цветните ливади чиј мирис секого опива,

бела – за лебедите, за посакуваните мугри Рацинови,

црна – за маките и страдањата на народот, стари и нови.

кафеава – за ковчегот каде спокојно царува традицијата,

сива – за тврдините од камен изградени, за историјата.

Овој животворен спектар од бои во вечноста ќе тлее,

песна за тебе во бесконечноста секогаш ќе се пее.

Ти си плод од копнеж и убавина кој во секого зрее,

љубовта кон тебе, татковино, сите ќе нѐ грее!

                                                      Надица Тасеска

Куќа

Стои во тајност запретана длабоко таа куќа

во жолта кожа на која се лепат комарци

Ноќе ја напаѓаат соништа самотија дење

и молчи меѓу острите боцки на зборот

Стои во тајност додека гаснат прозорците

додека вратата се закатанува

Потајум доаѓа ко безветрие преточено во езерска шир

малото девојче и ја учи љубовта

додека во крилја од лилјаци темницата се шири

и под стреите се гласи заморот на денот

додека по старите прозорци се растура солза

и тивки шурки несоници по подот лазат

додека по ѕидот времето уморно плиска

и по таванот страсти и немири висат

Малото девојче на прагот се растура во бајка

и додека плаче пулсираат нејзините гради

во безоблична мисла

и мачна атмосфера се впива во подот

Стои во тајност запретана длабоко таа куќа

Славе Ѓорѓо Димоски

Повеќе слични објави

Најпосетувани објави