Category: Култура

Промоција на романот за деца „Во душата на немиот свет“ од Даниела Илијоска

На 15-ти декември, од 12ч во НУ Градска библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, ќе се одржи на промоција на романот за деца „Во душата на немиот свет“ од писателката и поетеса Даниела Илијоска.
Книгата е во издание на Здружението за литература и други уметности „Креативна верига“, а финансирана од Министерството за култура. Водител на настанот е Јордан Коцевски, додека рецензент и промотор е Маја Мојсова. Воведен збор ќе има директорот на библиотеката, м-р Милчо Јованоски.
Во рецензијата за книгата, меѓу другото, се вели: „Романот за деца „Во душата на немиот свет“ енергично пулсира, канејќи ги на книжевна авантура не само децата, туку и возрасните. Отворени се сите двонасочни патеки, за размена на мислења, но и взаемно учење на едни од други, децата од возрасните, и обратно. Како катализатор во овие односи, се јавува повторно шумата, со сите нејзини жители. Симболично, пораките кои ги оставаат растенијата, животинките, птиците, но и останатите елементи од природата и појавите, се всушност пораки, кои човештвото треба континуирано да ги пренесува и применува кај секои нови и нови генерации. А, случките во романот, дел се предизвикани од природните текови, вообичаени појави, што се случуваат во таква средина, а дел ги носат влијанијата на човекот кон природата. Со подеднакво изразен интерес читателот ги следи и оние позитивните, и оние негативните дејства на децата и возрасните во шумската средина.“
Романот, покрај своите уметнички вредности, се вбројува и во листата на дела, што ја збогатуваат литературата за деца, која во последно време сè повеќе се популаризира.

„Звукот на фотографијата“ низ објективот на младите охридски фотографи

Во Младинскиот центар во Охрид – МЦО, на 10.12.2022 беше отворена изложбата „Звукот на фотографијата“ на која со избор фотографии се претставија шест млади фотографи од Охрид: Анамарија Момироска, Ива Јовановиќ, Анастасија Стојаноска, Христијан Јанкуловски, Никола Ставрески и Давор Левески.

Изложбата што се одржа во организација на Културолошка иницијатива „5 до 12“, ја отвори Јован Цветкоски, раководител на МЦО Охрид, а до присутните се обратија и присутните автори.

Изложбата на младите охридски фотографи во МЦО ќе биде отворена до 30 декември.