На 12 мај 2023 година, од 12:00 до 14:00 часот, во Младински Центар Охрид се одржа Саем за образование и кариера.
На почетокот пред присутните се обрати Раководителот на МЦО, Јован Цветкоски кој им посака добредојде и им се заблагодари на учесниците на саемот и ја истакна значајноста на организирањето настани од ваков тип кој овозможуваат промоција на програмите на образовните институции и ги доближуваат до младите.
Потоа го покана заменик-гардоначалникот на Општина Охрид м-р Перчо Божиновски, официјално да го отвори саемот.
Драги ученици и идни студенти,
Ми причинува особено задоволство што сум меѓу Вас на отворањето на Саемот за образование и кариера што во организација на Младинскиот Центар денес се одржува во Охрид.
Денешново случување е посветено токму за вас, продолжете го својот пат во онаа образовна институција која вас најмногу ви одговара. Онаа во која ќе знаете дека ќе го дадете својот максимум за лично добро но и напредок на општеството.
На Младинскиот центар од Охрид му благодарам за одличната организација на настанот со желба истиот да добие традиционален карактер, а ние како Локална власт секогаш ќе поддржуваме вакви случувања
Истакна Божиновски.
На саемот присуствуваа претставници од четирите средни училишта од Општина Охрид и едно средно училиште од Општина Струга со промотивни материјали, каде ги презентираа нивните програми и можности за учење пред полуматурантите.
Покрај можностите за полуматурантите на саемот учество зедоа и дел од универзитетите и факултетите, каде имаа можност да ги претстават своите програми за студирање пред матурантите. На овој саем учествуваа: Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, АУЕ – ФОН, Факултетот за информатички технологии и науки „Св. Апостол Павле“ – Охрид и Градежен факултет при УКИМ.
Присутните имаа можност да се консултираат за нивните кариерни можности и надоградба од страна на лиценцирани кариерни советнци. Голема благодарност до Асоцијацијата на советници за развој на кариера АСК и Агенција за вработување на РСМ.
Се надеваме дека овој саем ќе прерасне во традиција која ќе се одржува секоја година, а со цел младите од Општина Охрид да бидат запознаени со можностите за нивниот понатамошен развој и кериерен напредок.
Во продолжение слики од денешната атмосфера.
МЦО секогаш во интерес на младите !