Од 8ми до 19ти јули, група од 7 млади од Охрид (15–17 години) предводени од младинскиот работник Јован Цветкоски, како претставници на Коалиција СЕГА и Младински Центар Охрид, беа дел од младинска размена во Бивил, Нормандија, Франција, каде што низ креативни работилници, културна размена и уметнички израз го градеа својот глас и тимски дух. Оваа размена беше воспоставена помеѓу 3 држави: Франција, Германија и Македонија.
Програмата започна со запознавање и активности за градење тим, при што младите имаа можност да соработуваат со врсници од други земји и да ги споделат своите приказни, идентитет и вредности.
Под водство на интернационални ментори-артисти, учествуваа во три артистички групи: пеење, современ танц и слем поезија, каде што низ интензивна тридневна подготовка ги развиваа своите уметнички вештини и настапија јавно во градот Шербур, како дел од завршниот мултимедијален перформанс.
Како дел од нивното културно патување, групата го посети и Париз, каде што уживаа во откривање на највпечатливите знаменитости на градот на светлината – од Ајфеловата кула до Лувр итн.
Ова патување беше многу повеќе од размена – беше трансформативно искуство кое ги зајакна нивната самодоверба, креативност и желба за нови хоризонти.
#YouthExchange #OFAJ