ИНФОРМИРАЈ СЕКултура
101

Деветтото издание на Beach Film Festival започнува на 21 јули

Од 21 до 26 јули, Охрид повторно ќе биде домаќин на Beach Film Festival, кој годинава го одбележува своето деветто издание. Во текот на шесте фестивалски денови, љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да проследат богата програма на повеќе препознатливи локации низ градот.

Фестивалот и оваа година носи внимателно селектирани нови европски филмови, премиери, разговори со автори и проекции под отворено небо, создавајќи уникатно летно филмско доживување покрај Охридското Езеро.

Годинашното издание ќе биде отворено со две македонски остварувања – „Железна тврдина“ во режија на Митко Панов и „Самоуништување“ на Ербил Алтанај. Пред почетокот на главната програма, фестивалот ќе понуди и специјална вечер посветена на македонскиот филм.

Покрај долгометражните и краткометражните филмови, програмата вклучува и детски проекции, како и хорор работилница за средношколци, која преку филмски проекции, дискусии и практична работа ќе ја истражува еволуцијата на хорор жанрот низ различни филмски периоди.

Затворањето на фестивалот е предвидено со специјалната проекција на „Приказната за Силјан“, најновото филмско остварување на македонската режисерка Тамара Котевска.

Филмските проекции ќе се реализираат на плажата Сараиште, плажата Славија, на бродот Армада и во Младински центар Охрид. Влезот е бесплатен за проекциите на Сараиште и во Младински Центар Охрид, додека билетите за проекциите на плажата Славија чинат 150 денари, а за проекциите на бродот Армада 200 денари.

Повеќе слични објави

Најпосетувани објави