По синоќешното свечено отворање на „Охридско лето“ со големиот концерт на оперската дива Ангела Георгиу, Фестивалот веќе од денеска продолжува со својата редовна програма, со целовечерен концерт на Симфонискиот оркестар од Ниш во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Нишкиот симфониски оркестар е единствена институција од ваков профил надвор од Белград, кој во Србија, а и пошироко делува седумдесет години. Основна дејност на оркестарот е изведување на уметничка музика, истовремено негувајќи го културното наследство со учество на бројни уметници од Србија и од странство.
Нишкиот симфониски оркестар е добитник на значајни награди и признанија: Златна плакета на културно-просветната заедница на Србија, Наградата на ослободување на градот Ниш, Златна значка на Југословенските хорски свечености во 1970 година, како и највисокото признание на градот Ниш- наградата „11 Јануари“.
Во февруари оваа година, Нишкиот симфониски оркестар е одликуван со указ на Претседателот на Република Србија со „Сретењенскиот орден“ од трет степен.