Со голема забава, оваа сабота, 15 јуни, започнува со работа плажата пред хотелот Славија. По долги години плажата е комплетно уредена, во функција е ставен летниот шанк на хотелот, како и терасата со педесеттина маси под големите сенки на боровите.
За забавата на официјланото отворање која почнува во 13 часот, ќе се погрижат Dj Jaybeats & Martino, а присутните ќе уживаат во пена парти, пијалаци и вкусна храна од менито на барот. Синоптичарите најавуваат високи температури на воздухот и водата, што е добра покана за сите рекреативци сончевиот викенд во Охрид убаво да го поминат на освежената плажа пред хотелот „Славија“ која ќе работи од 09 до 23 часот.
Во функција наскоро ќе биде ставено и малото пристаниште пред хотелот, на кое ќе биде заменета дрвената конструкција. Се реновираат и собите на хотелот „Славија“. Работите ќе се одвиваат етапно, кат по кат и така ќе бидат пуштани во употреба реновираните соби кои ги има 50 на број, со што овој некогаш репрезентативен објект полека ќе го врати препознатливиот сјај.