Фестивалот „Охридско лето“ се затвора вечерва со спектакуларната претстава „Алиса во земјата на стравовите“

Вечерва во 21 часот на Античкиот театар во Охрид ќе биде прикажана претставата „Алиса во земјата на стравовите“ во режија на Александар Поповски и изведба на Југословенски драмски театар Белград, Србија, и со тоа ќе биде спуштена завесата на годинешното 64. издание на „Охридско лето“.

Драматичниот текст на „Алиса во земјата на стравовите“ е инспириран од епизоди од книгата „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол. Кога била мала, Алиса верувала дека дури и пред појадокот може да се случат шест невозможни работи. Таа сега е возрасна жена во своите триесетти. Треба да има кариера, семејство. Треба да биде исполнета, стабилна, порасната. Она што го има е нов психотерапевт со кој патува во главата. Кога беше мало девојче, таму ја чекаа чуда, гасеници со наргиле, карти за разговор, насмеани мачки, колачи и чај, хистерични птици. Тоа беше свет во кој секој чекор беше ново возбудување, свет на можности за бескрајни чуда. Сега има само земја исполнета со сомнежи и стравови. Сепак, се уште постои можност за чудо…

Тик-так, тик-так, часовникот отчукува. Биолошки или вистински, не е важно, времето вечно лета. Освен ако не стои. Дали се вклопува? Дали е можно да се запре? Колку време има и за што, и дали сите го имаме подеднакво? И дали се плашиме од времето затоа што околината ни го наметнува тој страв или навистина го чувствуваме? Во земјата на стравот, како и во земјата на чудата, сè се случува одеднаш, предвреме или истовремено, сите брзаат, но секогаш доцнат. Низ таков и таков свет, новите Алиси се обидуваат да го трасираат својот пат.

  • За сите кои можеби се пронајдоја во текстот, но и за другите кои би сакале да ја гледаат спектакуларната претстава како завршен настан од „Охридско Лето“, картите можат да се купат на влез, но и да се резервираат на официјалната страна на Охридско лето.

Повеќе слични објави

Најпосетувани објави