Виа Игнација
Од 24.06.2023 – 20:00 до 09.07.2023 – 20:00
Преку 20 афирмирани сликари од Република Македонија, од балканските држави, како и од неколку европски земји ќе бидат дел од дванаесетото издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански Видувања“ која ќе се одржи во периодот од 24 јуни до 09 јули во ресторанот „Виа Игнација“, во Вевчани.
Свеченото отворање на Колонијата е закажано за 24 јуни од 20 часот. Во знакот на долгогодишното постоење на Колонијата, на почетокот ќе му биде доделено одличието „Плакета порта“ на академскиот сликар Ставре Димитров Стадим, по што ќе следува стендуп шоу на добропознатиот Сашко Коцев и музички настапи на нашите легендарни Калиопи и Владо Јаневски. На нашите гости ќе им приредиме многу изненадувања и Македонска музика за душа, информираат од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански Видувања“.
Истовремено, додаваат, како дел од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ се организира и Летна ликовна школа за деца, во чии рамки повеќе од 40 млади дечиња и идни уметнички надежи ќе имаат несекојдневна можност да се запознаат со тајните на сликарската уметност.
Инаку, почнувајќи од 2010-та, секоја година традиционално на крајот на месецот јуни, во реномираниот ресторан „Виа Игнација“, во Вевчани се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.